Почетоци на училиштето
Наставата на македонски јазик започнала на 4.12.1944 година а прва учителка била Ратка Николоска. Во овој период училиштето работело како четиригодишно училиште под името „Стив Наумов“, а од 1956 година работи како основно училиште под името „Славко Лумбарковски“. Училиштето во тој период ги опфаќало и подрачните училишта од селата: Логоварди, Рибарци, Гнеотино, Балдовеници и Билјаник, а училиштето вака егзистира сè до 1976 година.
Во 1976 година се формирала Работната организација „11 Октомври“ за основно образование на Општина Битола, а во нејзиниот состав влегло ООЗТ - ЦОУ „Славко Лумбарковски“ со четири работни единици и тоа: Дедебалци, Маково, Суводол и Старавина.
Училишна зграда и објекти
Наставата во учебната 1956 / 1957 година се изведувала во старата зграда којашто се наоѓала на местото на денешната, а неколку паралелки работеле во просториите на тогашната општина. Поради зголемениот број на ученици во учебната 1957 / 1958 година се наметнала потребата од изградба на нова училишна зграда со шест училници. Зградата се наоѓала на местото на денешната зграда. Наставата се изведувала во две смени: претпладне за учениците од предметна настава и попладне за учениците од одделенска настава. Настава во две смени се изведувала сè до учебната 1995 / 1996 година, а од учебната 1996 / 1997 година била реконструирана постојната зграда врз којашто е доизграден уште еден кат. Зградата ги задоволува потребите на училиштето, а за прв пат била изградена и сала за изведување на часовите по физичко образование и бил поставен нов асфалтен слој на спортскиот полигон. Во учебната 2012 / 2013 година е реновирана зградата во подрачното училиште во селото Рапеш. Во учебната 2013 / 2014 година беше изградено монтажно училиште во селото Далбеговци.
Реформи во училиштето и вклученост во домашни и меѓународни проекти
Во периодот од 1990 до 2000 година во училиштето се реализираа следниве проекти: Активна настава – интерактивно учење, Здравствено образование, Ние, народот – проект граѓанин, Инклузија на деца со посебни потреби, Немаме резервна планета, Описно оценување, Унапредување на училишните библиотеки во Република Македонија.
Наставен јазик
Наставата како во централното училиште, така и во подрачните училишта во населените места Далбеговци, Агларци, Добромири, Рапеш, Рибарци, Бач, Живојно и Гермијан се изведува на македонски наставен јазик.
Училиштето денес
Динамичноста на времето во кое живееме наметнува потреба за постојано напредување и усовршување во сите области од животот, а пред сè во воспитно - образовниот процес, неговото постојано истражување и творење. Воспитно - образовниот систем како потсистем на глобалниот, изградува сопствен модел на човек со соодветни карактеристични вредности што одговараат на времето и системот што тој, не само што треба да ги претставува и одржува туку и да ги репродуцира. Стемежот на секоја образовна институција е тежнеење кон професионалност во наставната работа за квалитетна реализација на истата на очекувано ниво.
Појавата на современите технички и комуникативни медиуми претставува достапен напредок за нашето училиште со вклучување во повеќе проекти.
Нашето училиште било и секогаш ќе биде насочено кон квалитет, сигурност и стручност, а сè во интерес на напредокот на учениците.