Историски развој на училиштето
Основното училиште „Славко Лумбарковски“ е едно од најстарите училишта во Пелагониската котлина. Селото Новаци се наоѓа во јужниот дел на Пелагониската котлина, поточно во источниот дел на Битолско поле и му припаѓа на сливното подрачје на Црна Река, источно од сртот на Селечка Планина, до големото наоѓалиште за јаглен, рудникот „Суводол“. Селото со својата географска положба има централно значење во Пелагониската котлина затоа што претставува раскрсница на регионалните патни правци: Р-509 (Битола – Новаци – Маково – Старавина) кој го поврзува битолскиот дел на Мариово и Р-531 кој води на југ кон Брод и Бач, а на север кон Добрушево – Тополчани – Прилеп.
Според кажувањата на постарите новачани и преданијата што се пренесувале од колено на колено, Новаци како населено место се појавува во втората половина на 15 век. Името Новаци го добило така што во овој период се формирала нова населба на сегашната територија, а според други анегдоти и кажувања прв на оваа територија се населил човек по име Новак и по неговото име местото се нарекло Новаци.
Првото училиште било изградено на денешната зграда каде се наоѓале зградата и просториите на училишната задруга.
Еден од старите колективи во училиштето
За точни податоци кога е отворено училиштето не може да стане збор, а според кажувањата на старите новачани пред Балканските војни во училиштето се одвивала црковно - свештенска настава, бидејќи местото и зградата биле црковни. Како прв учител се споменува Поп Јован родум од Новаци, а подоцна и даскалот Стојан Мицевски родум од с. Добромири.
За време на Кралска Југославија наставата се изведувала во две паралелки, од кои една за учениците од прво и второ одделение и уште една за учениците од трето и четворто одделение. Наставници во овој период биле Светозар, Јово (презимињата не се познати) и Сотир Ангелевски родум од с. Карамани.
По капитулацијата на Кралска Југославија и паѓањето на Македонија под бугарска окупација наставата се изведувала на бугарски јазик и биле воведени прв и втор клас на бугарска прогимназија. Наставници во овој период биле: Митко Иванов, Стојан Славчев и А. Живкова, а Иван Славчев бил директор,
По капитулацијата на Бугарија и иницијатива на Народно – ослободителните одбори врз основа на одлуките на АСНОМ во училиштето за прв пат се воведува настава на македонски јазик. Наставата на македонски јазик започнала на 4.12.1944 година, а прва учителка била Ратка Николоска. Во овој период училиштето работело како четиригодишно училиште под името „Стив Наумов“, а од 1956 година работи како основно училиште под името „Славко Лумбарковски“. Училиштето во тој период ги опфаќало и подрачните училишта од селата: Логоварди, Рибарци, Гнеотино, Балдовеници и Билјаник, а училиштето вака егзистира сè до 1976 година. Значајно за училиштето е да се спомене дека во 1958 год. е формирана Училишната задруга која располагала со своја површина.
Со донесувањето на Законот за здружен труд во 1976 година, а како резултат на сè поголемите миграциони движења на населението и намалувењето на наталитетот, неминовно дошло да се спојуваат училиштата од овој регион. На тој начин во 1976 година се формирала Работната организација „11 Октомври“ за основно образование на Општина Битола, а во нејзиниот состав влегло ООЗТ - ЦОУ „Славко Лумбарковски“ со четири работни единици и тоа: Дедебалци, Маково, Суводол и Старавина. Но, миграционите движења на населиението и намалувањето на наталитетот не престанале и довеле до затворање на голем број училишта, односно работни единици. Така, со изградбата на РЕК „Битола“ престанала да работи работната единица Суводол (1982 / 1983), а потоа се затвориле и работните единици во Старавина (1986 / 1987) и Маково (1988 / 1989).
Денес ОУ „Славко Лумбарковски“ Новаци работи како централно училиште со седум четеригодишни подрачни училишта во селата: Далбеговци, Агларци, Добромири, Рапеш, Рибарци, Живојно и Гермијан, и едно деветгодишно подрачно училиште во селото Бач.