За училиштето

општи и историски податоци

Славко Лумбарковски е роден на 30 март 1922 година во Битола, во занаетчиско семејство. Детството го минува во родниот град каде што завршува основно образование. По завршувањето на неговата мала матура Славко се запишува во гимназијата во Битола. За време на неговото школување, во гимназијата веќе имало силно револуциерно движење, а Славко не останал надвор од овие настани. Како ученик во гимназијата и надвор од неа, во градот и селата, развива голема револуциерна дејност врз младината.

​Големата желба да се здобие со повеќе знаења и да го прошири својот видик го мотивирало во 1940 година да се запише на Правниот факултет во Белград. Таму се поврзал со напредните студенти и заедно со нив учествувал на сите антифашистички акции во овој град. Со започнувањето на Втората светска војна во 1941 година Славко како член на КПЈ се враќа во родниот крај. Другарувал со познатите револуционери Елпида Караманди и Стевче Патако, а заради својата револуционерна активност бил ценет од Стив Наумов и Коле Канински.

Истата 1941 година по враќањето од Белград, заминува на школување во Софија. Во прво време се запишува на Правниот факултет, а подоцна го напуштил и се запишува на агрономија. Исто така, во Софија продолжува со револуционерните активности, а ваквата револуционерна активност не останува незабележана од страна на бугарските власти. Поради неговата револуционерна активност, на 5 декември 1942 год. е затворен и однесен во заточенишво во местото Ксанти. Славко во овој затвор бил измачуван и малтретиран од затворските власти, но тој не го издал своето револуционерно дело и своите другари. Иако будно чуван од стражарите во својата ќелија успева да напише писмо на еден од неговите другари во кое ги опишува злоделата на фашистичкиот режим, масовните убиства, колежи и другите репресарии. Меѓу другото му напишал: „Нашите непријатели се најголеми свињи во светот“.
Во 1943 година се враќа од заточеништво. Еден период во ова време се опоравува од затворските денови, а потоа заминува во партизани. Преминува преку југословенско – грчката граница кај селото Света Петка и стигнал во с. Раково. Од с. Раково преку с. Буф, под многу тешки временски услови, стигнува кај с. Герман и с. Рудари каде се приклучува кон Битолско – преспанскиот партизански одред. Во 1944 година оваа бригада се среќава со Трифун Пановски и станува близок соработник на Коле Канински. Низ непрекинатите борби што ги водела бригадата, Славко секогаш бил во првите редови на чело на својата чета, а подоцна и батаљонот. Потоа како признание за неговата храброст и пожртвуваност е поставен за секретар на партизанската оранизација на бригадата.

Летото 1944 година, бригадата добива задача во Кичево и околината каде се лоцирани непознати фашистички сили, а со задача во најкраток период да го ослободат Кичево и Кичевско.
На 1 септември бригадата ги започнува своите операции и со силен налет скоро го ослободува Кичево. Се водела последната битка за целосното ослободување околу касарната. Кога се чинело дека веќе е ослободена касарната, Славко смртно бил погоден од непријателот. Згаснал засекогаш животот на прекалениот борец за слобода на својот народ.
Славко загина во своите млади години. Загина тогаш кога требаше да ѝ се радува на победата на расцветот на својата Македонија.

​Неговиот борбен дух длабоко е врежан во нас, во срцата на сите млади луѓе. Денес тие станаа неговите следбеници, тргнаа по Славковиот пат, за да се изгради новата држава во која сите граѓани ќе бидат среќни и ќе се борат за својата татковина.

Почитувани ученици, наставници, граѓани, пред нас стои благодарниот лик Славко кој останува како неизбришан историски чин, на кој вечно ќе се потсетуваме.

Нека му е вечна слава и благодарност на нашиот Славко.